Skip to main content

Санкциите на ОН против Иран се вратија во сила

anfaenger-from-pixabay

Санкциите на Обединетите нации (ОН) против Иран повторно стапија во сила синоќа поради непочитувањето на обврските од страна на земјата во врска со нуклеарната програма.

Соединетите Американски Држави објавија дека се подготвени за директни преговори со Иран за неговата нуклеарна програма, додека Франција, Германија и Велика Британија ги повикаа сите членки на Обединетите нации да не го одложуваат спроведувањето на новите санкции врз Техеран, пишува Би-Би-Си.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот Доналд Трамп рекол дека дипломатијата останува отворена опција.

Договорот останува најдобриот исход за иранскиот народ и за светот, рече Рубио, додавајќи дека Иран мора да пристапи кон преговорите со добра волја, без одложување или опструкции.

„Доколку таков договор не успее, нашите партнери имаат обврска веднаш да воведат санкции за да извршат притисок врз иранските власти да го сторат она што е најдобро за нивната земја и за безбедноста на светот“, додаде Рубио.

Иран го нарече повторното воведување на санкциите на ОН „неоправдано“ и ги повика сите земји да не ги применуваат.

„Повторното активирање на укинатите резолуции е правно неосновано и неоправдано. Сите земји мора да се воздржат од признавање на оваа нелегална ситуација“, се вели во соопштението на иранската дипломатија, што е прв официјален одговор на Иран на повторното воведување на санкциите.

Иран „решително ќе ги брани своите национални права и интереси, а секоја акција насочена кон повреда на интересите и правата на неговиот народ ќе наиде на цврст и соодветен одговор“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи, без да даде детали.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што збогатува ураниум до 60 проценти, што е блиску до прагот од 90 проценти потребен за производство на атомска бомба.

Поврзани вести