
Русија е најзначајната директна и долгорочна закана за безбедноста, мирот и стабилноста во евроатлантската област, се наведува во заедничката изјава по одржаниот прв Самит на осум земји од источното крило на Европска Унија (Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Финска и Шведска).
Во документот се посочува дека ситуацијата бара источното крило на ЕУ да се одреди како непосреден приоритет преку оперативни, координирани и мултидоменски пристап.
Русија останува закана денес, утре и во блиска иднина, изјави премиерот на Финска Петери Орпо.
Потписниците на заедничката изјава ја истакнаа потребата за зајакнување на копнените борбени капацитети, одбраната од дронови, воздушната и ракетната одбрана, заштита на границите и критичната инфраструктура во рамките на ЕУ и во соработка со НАТО.
ЕУ може да игра важна улога преку поддршка на напорите на поединечните земји-членки за зајакнување на нивните одбранбени капацитети, преку дефинирање на финансирањето, поедноставување на регулативите и подобрување на воената мобилност, посочи шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Тој додаде дека не гледа оти Русија сака мир во Украина.
На првиот Самит, покрај домаќинот Орпо, присуствуваа Кристерсон, претседателот на Литванија и на Романија, Гитанас Науседа и Никушор Дан, премиерот на Естонија, на Полска, на Бугарија и на Летонија, Кристен Михал, Доналд Туск, Росен Жељазков и Евика Силина.

Македонски






