
Американските воени претставници подготвуваат опции за напади со беспилотни летала врз цели во Венецуела, вклучувајќи ги и водачите на нарко-банди и лаборатории, објави Ен-Би-Си Њуз. Четири извори потврдија дека операциите би можеле да започнат за неколку недели, но претседателот Трамп сe уште не дал конечно одобрение.
Во последните недели, американската војска нападна најмалку три венецуелски бродови за кои тврди дека превезувале дрога, иако не секогаш се обезбедени докази. Претставник на Доминиканската Република и претставник на американската амбасада во таа земја изјавија на прес-конференција во неделата дека дрога е пронајдена во морето по нападот.
Вашингтон го обвинува претседателот Николас Мадуро дека не презема доволно мерки против шверцот. Пентагон не коментираше, додека Белата куќа ја повтори пораката на Трамп дека „Венецуела испраќа дилери и дрога“, што е неприфатливо, објави Ен-Би-Си.
САД распоредија осум бродови, повеќе од 4.000 војници и авиони Ф-35 во регионот.
„Не испраќате такви ресурси без да ги земете предвид сите опции“, рече еден функционер.
Трамп „е подготвен да го искористи секој елемент од американската моќ за да го запре протокот на дрога во нашата земја и да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“, изјави висок функционер на администрацијата за Ен-Би-Си Њуз.
Дел од администрацијата е незадоволен што претходните напади не ја ослабнаа моќта на Мадуро. Некои стравуваат дека нападите во Венецуела ќе предизвикаат дипломатски протести и дополнително ќе ја зајакнат позицијата на Мадуро. Аналитичарот Анибал Санчез предупреди дека таков напад би можел да предизвика населението да се обедини околу одбраната на суверенитетот.
Во исто време, Вашингтон одржува контакти со владата на Мадуро преку посредници од Блискиот Исток. Според извори, претседателот дури и испратил писмо до Трамп во кое му нуди дијалог, што Белата куќа го отфрли како „куп лаги“.
Иако Венецуела не е голем производител на кокаин, таа се смета за клучна транзитна точка. Администрацијата на Трамп ја зголеми наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари и, според официјалните лица, не ја исклучува промената на режимот. И покрај притисокот, САД ја задржуваат можноста за соработка по одредени прашања, како што се летовите за депортација.