Skip to main content

Руте се надева на мир во Украина пред летото 2026 година

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изрази надеж дека мировните преговори за Украина ќе доведат до прекин на огнот или мировен договор пред летото следната година.

Руте на прес-конференција, во пресрет на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, истакна дека е тешко да се предвиди дали напорите на САД ќе постигнат успех.

Тој посочи дека месечно во војната гинат по 20 илјади Руси, а големи жртви трпи и украинската страна, и оти тоа мора да запре. – Да се надеваме дека ќе има договор за мир, ние помагаме со сè што е во наша моќ, додаде Руте.

Според него, очекувањата се војната да заврши на начин што Русија никогаш повеќе нема да ја нападне Украина.

– Патот на Украина кон НАТО е неповратен, но знаеме дека во Алијансата ја нема неопходната едногласност за прифаќање на земјата во организацијата. Затоа разговараме како Украина да биде заштитена откако војната ќе заврши, појасни Руте.

Тој нагласи дека прашањата поврзани со иднината на пактот, кои се вклучени во првичниот нацрт на мировниот договор од последните недели, ќе бидат решавани од сојузниците одделно.

Ги поздравуваме напорите на САД и уверен сум дека на крајот мирот ќе биде обновен, рече Руте. Тој нагласи дека утре министрите за надворешни работи ќе разговараат за променливите безбедносни закани, вклучувајќи ги и опасностите што ги создава Русија.

Поврзани вести