
Русија повторно изведува воени летови до воздухопловната база Хмејмим во Сирија по речиси шестмесечна пауза, во период кога двете земји се стремат да воспостават поблиски врски, објави „Блумберг“.
Повикувајќи се на веб-страницата за следење на летови Флајтрадар24, агенцијата објави дека најмалку два руски авиони летале до руската воздухопловна база, што се наоѓа во покраината Латакија, на сирискиот брег.
Транспортен авион Иљушин Ил-62М на руските воздухопловни сили полетал од Либија до Латакија, а потоа до Московскиот регион на 26 октомври. Тешки товарни авиони Антонов Ан-124-100 Руслан пристигнале на аеродромот во три наврати од 24 октомври.
Блумберг, исто така, цитира анонимен извор близок до Кремљ кој вели дека Русија продолжува со летовите до Хмејмим, баа на кој Русија се потпира како логистички центар за проектирање моќ во Западна Азија и Африка. Русија, исто така, одржува поморска база во пристаништето Тартус, единственото руско упориште во Медитеранот.
Односите меѓу Русија и Сирија се менуваат откако милитантната група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), поранешна подружница на Ал Каеда, ја презеде власта во Дамаск во декември, соборувајќи ја владата на поранешниот претседател Башар ал-Асад. Москва ја поддржуваше владата на Асад во нејзината војна против бунтот предводен од ХТС, кој, пак е поддржан од САД, Турција и нивните сојузници во Заливот и Европа.
Откако ХТС ја презеде контролата врз Сирија, не беше јасно дали Русија ќе ги задржи својата поморска база во Тартус и својата воздухопловна база во Хмејмим.
Сепак, тивкото партнерство меѓу Русија и Израел во врска со Сирија и Иран стана очигледно откако лидерот на ХТС, Ахмад ал-Шара, се самопрогласи за претседател.
Во февруари, Ројтерс објави за бела книга објавена од Израел дека високи израелски претставници лобираат кај своите американски колеги за да се осигурат дека Сирија ќе остане „слаба и децентрализирана“ со тоа што ќе ѝ дозволат на Русија да ги задржи своите воздухопловни и поморски бази.
Американските претставници наводно биле шокирани од израелскиот предлог, со оглед на тоа што Русија е непријател на САД во украинскиот конфликт, додека Турција е членка на НАТО. Предлогот им бил пренесен и на членовите на Конгресот за време на состаноците во Израел.

Македонски







