
Русија денеска на Црвениот плоштад во Москва ги претстави борбените дронови што нејзините сили ги користат во војната во Украина, што е првпат да ги изложи, пренесува државната телевизија.
Претседателот Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг и повеќе од дваесет други странски лидери набљудуваа како разни дронови од руско производство, монтирани на камиони, на нивните лансери, се превезуваат преку широкиот плоштад, заедно со друга воена опрема.
Путин во својот говор ја пофали храброста на руските војници ангажирани во Украина, порачувајќи дека целата земја, општество и народ ги поддржуваат учесниците во „специјалната воена операција во Украина“.
Горди сме на нивната храброст и решителност, на нивната сила на умот што секогаш ни носела победа, додаде тој, порачувајќи дека Русија била и ќе биде „неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот“.
Коментаторот на државната телевизија, опишувајќи ја парадата во живо, рече дека дроновите масовно и ефикасно се користат во „руската операција“ во Украина.
Дроновите Лансет, Геран-2, Орлан-10 и Орлан-30 беа меѓу прикажаните на парадата по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и сојузниците над нацистичка Германија.
Беспилотното летало Орлан широко се користи за извидување и одбирање цели. ЗАЛА Лансет се користи за ударни и извидувачки мисии и наводно нападнал и уништил бројни делови од украинската воена опрема, вклучувајќи тенкови и еден воен авион.
Геран-2 е руски дрон камиказа дизајниран во Иран. Се користи за цели против украинската енергетска инфраструктура, а Киев ја обвини Москва дека ги користи и за напад на станбени згради.
Русија негира намерно таргетирање цивили, тврдејќи дека цели само воени или воено поврзани објекти.
Украина исто така разви свои напредни дронови и многу ефикасно ги користи против руските трупи на бојното поле и цели во Русија, како што се складишта за нафта и рафинерии.