Skip to main content

Русија го запре извозот на дизел поради недостиг на гориво, можно ново поскапување на светскиот пазар

Freepik

Русија воведе забрана за извоз на дизел со цел да обезбеди доволни количини гориво за домашниот пазар, по серијата украински напади со беспилотни летала врз руски рафинерии кои значително го нарушија производството.

Одлуката, која ја соопшти рускиот вицепремиер Александар Новак на состанок на Владата со претседателот Владимир Путин, би можела дополнително да го зголеми притисокот врз глобалниот пазар на горива, кој веќе е погоден од геополитичките тензии и нарушените синџири на снабдување.

„Денес воведовме забрана за извоз на дизел“, изјави Новак.

Според анализите на „Блумберг“, повикувајќи се на аналитичката компанија „Вортекса“, Русија минатата година учествувала со околу 11 проценти во глобалното снабдување со дизел, па секое ограничување на рускиот извоз може да има директно влијание врз цените на светските пазари.

Досега ограничувањата за извоз се однесуваа само на трговците и препродавачите на гориво кои не се производители, но со новата одлука мерките се прошируваат и дополнително го ограничуваат извозот.

Забраната доаѓа како продолжение на претходните рестрикции за извоз на бензин и авионско гориво, кои Москва ги воведе со цел да ја стабилизира понудата на домашниот пазар.

Во последните месеци Русија се соочува со сериозни предизвици во снабдувањето со нафтени деривати, откако украинските напади оштетија повеќе рафинерии низ земјата. Поради тоа, преработката на сурова нафта падна на најниско ниво во последните неколку години, а во повеќе руски региони веќе се воведени мерки за рационализирање на потрошувачката на гориво.

Аналитичарите предупредуваат дека намалениот руски извоз, во комбинација со нестабилната состојба на Блискиот Исток, може дополнително да ги зголеми цените на дизелот и другите нафтени деривати на светскиот пазар во наредниот период.

Поврзани вести