Skip to main content

Вучиќ: Парламентарните избори најверојатно ќе се одржат пред претседателските, можно е гласање во октомври или ноември

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека претстојните парламентарни и претседателски избори во Србија ќе бидат одвоени, при што најверојатно прво ќе се одржат парламентарните избори. Тој посочи дека одлуката за нивно распишување би можела да биде донесена во август или септември, а гласањето да се организира во октомври или ноември.

Во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС), Вучиќ рече дека со ваквиот пристап се почитуваат барањата што претходно ги изнесувала опозицијата.

„Тие секогаш барале, минатиот пат инсистираа, и јас ги почитувам барањата и на опозициските партии и на сите други, овие избори да бидат одвоени, за да имаат повеќе можности и луѓето да донесуваат одлуки на различни начини“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека најреално е прво да се организираат парламентарните избори.

„Најверојатно прво ќе се одржат парламентарните, потоа претседателските и така одат работите“, рече српскиот претседател.

Освен за изборите, Вучиќ најави и нов пакет економски мерки за граѓаните, кој, како што рече, ќе биде претставен веќе во средината на септември, порано од првично планираното.

„Пакетот мерки ќе биде порано отколку што планиравме, дефинитивно ќе биде во септември, средината на септември“, изјави Вучиќ.

Според најавите, мерките ќе опфатат еднократна финансиска помош за пензионерите и намалување на цените на одредени лекови, а Вучиќ најави дека Владата разгледува и дополнителни поволности за сите полнолетни граѓани.

„Не можам да кажам со сигурност, но верувам дека ќе ги направиме сите возрасни граѓани среќни, а не со средства од буџетот, за некој да не помисли дека е поради изборите. Сè уште истражуваме“, рече тој.

Говорејќи за економските показатели, Вучиќ истакна дека инфлацијата во Србија во јуни изнесувала 2,7 проценти и оцени дека тоа е пониско од просекот во Европската Унија.

Во осврт на меѓународната ситуација, тој предупреди дека новите тензии на Блискиот Исток би можеле да се одразат врз цената на енергенсите.

„Имаме проблем, повторно избувна војна меѓу Америка и Иран, за жал бев во право, бидејќи коренот на проблемот не е решен. Некој мора јасно да победи за да дојде мирот. Тоа ни создава проблем со цената на нафтата. Утре мора да издвоиме државни пари за да ја одржиме цената на нафтените деривати“, изјави Вучиќ, пренесуваат српските медиуми, повикувајќи се на агенцијата „Бета“.

Поврзани вести