![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/romanija.webp)
Министерството за одбрана на Романија денеска соопшти дека два дрона го нарушиле воздушниот простор на земјата, веројатно за време на ноќен руски напад врз Украина.
Според соопштението, утврдена е можната локација каде што паднал еден од дроновите, а во тек е теренска истрага.
Четири борбени авиони биле кренати во воздух откако радарските системи детектирале објекти во украинскиот воздушен простор, во близина на границата со Романија, пренесува Аџерпрес.
Романското министерство потврди дека станува збор за руски дронови, кои извршиле напади врз цивилна инфраструктура во Украина, недалеку од границата.
Националниот воен команден центар околу 23 часот по локално време го известил Инспекторатот за итни случаи за потенцијалната закана, по што биле активирани безбедносни протоколи во областите Тулча и Галац.
За мониторинг на ситуацијата биле ангажирани два борбени авиони F-16 на романското воено воздухопловство, како и два авиона „Јурофајтер“ на шпанските воздушни сили, кои се дел од мисијата за надзор на романскиот воздушен простор.
Министерството информира дека радарите регистрирале воздушен објект што накратко влегол во романскиот воздушен простор кај градот Рени, Украина, а потоа повторно се вратил во украинскиот простор. Исто така, било пријавено можно место на пад на романска територија, околу 10 километри источно од градот Галац, но нема информации за материјални штети.
Воздушната тревога во двете погодени области била укината во 01:10 часот, а воените авиони се вратиле во базите.