
Претседателскиот кандидат на Алијансата за обединување на Романците (AUR), Ѓорѓе Симион, денес потврди дека, доколку победи на изборите, ќе го номинира Калин Ѓорѓеску за премиер, нагласувајќи дека постојат различни опции за идниот политички пат, вклучително и можноста за предвремени избори.
На прашањето во интервју за телевизијата „Диги24“ дали планира, доколку биде избран за претседател, да го назначи Ѓорѓеску за премиер, Симион рече дека тоа е ветување што му го дал на романскиот народ, пренесува Аџерпрес.
„Постојат неколку можности, ова е една од нив“, рече Симион и додаде дека имал бројни разговори со Ѓорѓеску, но дека одредени „пречки“ мора да се надминат, односно мора да почека до 18 мај бидејќи, како што рече, „не смееме да ја продадеме кожата на мечката пред да ја фатиме“.

Симион истакна дека пред два дена рекол дека сегашното парламентарно мнозинство нема да преживее во сегашниот состав и дека коалицијата ќе се „распадне“ ако романскиот народ не го избере својот кандидат во вториот круг од изборите.
„И еве нè, два дена подоцна, и бев во право. Всушност, бев во право веќе во декември, кога сметав дека не треба повторно да го назначуваме Марсел Чолаку за премиер. И се плашам дека сè уште не сме се ослободиле од него“, рече Симион.
Зборувајќи за можноста Ѓорѓеску да не обезбеди парламентарно мнозинство, Симион потсети на одредба од романскиот Устав.
„Уставот наведува дека претседателот може да номинира едно лице, а потоа друго. Од моментот на првото номинирање, постои период од 60 дена, по што претседателот може да го распушти парламентот“, рече тој.
Според него, на маса се различни опции, а не се исклучени и предвремени избори.
„Романците мора да ја прифатат оваа опција. Веројатно ќе инсистирам на предвремени избори со Калин Ѓорѓеску“, објасни Симион.
Романскиот премиер Марсел Чолаку во понеделникот поднесе оставка откако кандидатот на владејачката коалиција не успеа да се пласира во вториот круг од претседателските избори во недела.
Опозицискиот ултрадесничар Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, објавија романските медиуми, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија.
По прилично тесно пребројување, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, Никушор Дан 20,99 проценти, додека кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, освои 20,07 проценти од гласовите.
Романија одржа повторени избори откако првиот круг од претседателските избори во ноември, во кој победи Ѓорѓеску, беше поништен поради наводно руско вмешување во корист на Ѓорѓеску.
Москва ги отфрли овие обвинувања