Skip to main content

„Ракот нè погодува сите“, порача насмеаниот Бајден по тешката дијагноза

 Поранешниот американски претседател Џо Бајден денеска им изрази благодарност на сите добронамерни луѓе за пораките на поддршка што ги доби откако објави дека му е дијагностициран рак на простата.

Ракот нè погодува сите, напиша 82-годишниот поранешен претседател на платформата X.

Бајден рече дека тој и неговата сопруга Џил, како и многу други, откриле дека се најсилни во најтешките времиња.

Ви благодариме што нè наткревате со љубов и поддршка, продолжи Бајден.

Поранешниот американски претседател објави фотографија на која се смешка кон камерата, а неговата сопруга држи мачка во раце.

Вчера се дозна дека Бајден има рак на простата. Кабинетот на Бајден објави дека станува збор за агресивна и напредна форма на болеста што се проширила на коските, додавајќи дека состојбата може да се контролира.

Претседателот Доналд Трамп, претходник и наследник на Бајден, му посака на Бајден брзо закрепнување откако беше објавена дијагнозата, а пораки со поддршка испратија и  поранешниот претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел.

Ова не е прва дијагноза на рак во семејството Бајден. Неговиот најстар син Бо почина во 2015 година од тумор на мозокот на 46-годишна возраст.

Поврзани вести