
Руската новинарка Ника Новак, поранешна соработничка на Радио „Слободна Европа/Радио Либерти“ (РСЕ), исчезнала од сибирската казнена колонија каде што ја издржува четиригодишната затворска казна, соопшти нејзината адвокатка. Јулија Кузњецова алармираше дека ѝ бил оневозможен пристап до клиентката, а затворската управа одбива да даде информации за тоа каде се наоѓа Новак, пренесува РСЕ.
Кузњецова на социјалните мрежи објави дека според достапните индиции Новак била преместена од Казнената колонија бр. 11 во селото Бозој, Иркутска област, но нејзината нова локација е непозната. „Оваа недела мој колега адвокат се обиде да ја посети Ника, но му беше одбиен влез“, напиша таа. „Забележа силна врева и големо присуство на претставници од Истражниот комитет во колонијата. Затворските службеници не објаснуваат што точно се случило“.
Адвокатката додаде дека на 30 ноември телефонски се обидела да добие информации за клиентката, но ѝ било кажано дека треба да поднесе писмено барање, што таа и го направила.
Ника Новак минатата година беше осудена на четири години затвор по затворено судење по обвинение за „доверлива соработка со странска држава, меѓународна или странска организација“.
И Новак и организациите за човекови права ја оценуваат пресудата како неправедна и политички мотивирана. На 1 март таа беше преместена во Казнената колонија бр. 11, каде што се пожали на услови кои, според неа, наликуваат на тортура, поради што започна штрајк со глад. Беше сместена во самица затоа што одбила да дава интервјуа во кои би изјавила дека „сѐ е во ред во колонијата и затворениците се среќни“ и затоа што одбила да работи како кројачка.
Претседателот на РСЕ, Стив Капус, ги повика руските власти да ја ослободат Новак, нагласувајќи дека нејзината пресуда е донесена по „политички мотивирани обвиненија насочени кон замолчување и заплашување на поединечни новинари“.
Пред апсењето, Новак работела за ЧитаМедиа (ChitaMedia) и била главна уредничка на порталот Zab.ru, а во 2022 година соработувала со проектот „Siberia.Realities“ на РСЕ. Нејзиниот случај е прв во кој некој е осуден по член 275.1, воведен во 2022 година, неколку месеци по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Експерти за човекови права го критикуваа законот, а Хјуман Рајтс Воч во својот Извештај за 2023 го нарече „потсетник на советската забрана за контакти со странци“. Водечката руска организација за човекови права „Меморијал“ на 22 јули 2024 година ја прогласи Ника Новак за политичка затвореничка.
Нејзиното притворање го осудија и Комитетот за заштита на новинари, Коалицијата за жени во новинарството и Меѓународниот институт за печат, кој оцени дека пресудата против Новак е „овозможена од континуираното инструментализирање на руското законодавство со цел репресија врз независните новинари и критичките гласови“.

Македонски






