Skip to main content

„Проевропското“ мнозинство во ЕП се закани со блокада на новата буџетска рамка на ЕУ

МИА архива

Партиите од т.н. „проевропско“ мнозинство од Европскиот парламент упатија заедничко писмо во кое се закануваат со блокада на преговорите за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра, што Европската комисија ја предложи во јули годинава.

Во писмото, потпишано од Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените, се наведува дека тие ќе ги блокираат преговорите за следната буџетска рамка, доколку во неа не се извршат значајни промени.

На овој начин, четирите партиски групи кои водат жестоки меѓусебни дебати и не можат да се усогласат за многу прашања, како миграцијата, климата или одбраната, сепак се обединија во противењето на предложениот буџетски план од страна на ЕК.

Европскиот парламент не може да го прифати ваквиот предлог како основа за започнување преговори, се вели во писмото на четирите групи упатено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Во него тие бараат Европската комисија да ги изврши бараните измени најдоцна до 12 ноември, кога Предлог-финансиската рамка треба да се најде на дебата во Европскиот парламент.

Главниот преговарач на Европарламентот за финансиската рамка, романскиот европратеник од редовите на ЕПП, Зигфрид Мурешан изјави дека парламентарното мнозинство против ваквиот предлог ќе биде толку големо, што Комисијата тешко би можела да продолжи да го брани.

Главната забелешка на четирите групи се однесува на предлогот за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и земјоделството во единствени „национални и регионални планови за партнерство“ во вредност од 865 милијарди евра.

На ваквиот предлог уште од самиот старт се спротивставија регионалните и локалните власти, земјоделските здруженија, како и некои земји членки на ЕУ, но сега и со отвореното противење на европратениците, Европската комисија ќе биде изложена на значителен притисок да се откаже од ваквиот предлог или барем да го ревидира.

Во писмото на четирите групи се бара буџетските средства за поддршка и субвенционирање на Заедничката земјоделска политика на ЕУ и за обезбедување фер конкуренција за европските земјоделците, да останат одвоени од кохезивните фондови, првенствено наменети за поттикнување на развојот на помалку развиените региони.

Дополнително, европратениците бараат и поголема улога на Европскиот парламент во одобрувањето и ревидирањето на плановите за трошење на земјите членки.

Паралелно, свое писмо со забелешки на Предлог-буџетската рамка до Еврокомисијата упати и алијансата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Главниот приговор на ЕЦР, исто така, се однесува на идејата за спојување на кохезивните и земјоделските фондови во еден единствен план, но за разлика од четирите групи од „проевропското“ мнозинство кои тврдат дека со предложената рамка им се дава „премногу моќ“ на земјите членки, конзервативците сметаат дека со неа премногу надлежности се оставаат во рацете на Брисел.

Европската комисија потврди дека ги добила писмата оценувајќи ги како „сет конструктивни мислења“ и нагласувајќи дека е подготвена да ги сослуша Парламентот и Советот на ЕУ.

Комисијата е подготвена да ги сослуша колегислаторите. Она што Комисијата нема да го направи денес, е да шпекулира за поединечните елементи на предлогот, изјави портпаролот на ЕК, Балаж Ујвари во коментар на упатените писма. с

Поврзани вести