
Карлос Мазон, премиерот на источниот шпански регион Валенсија, денеска објави дека поднесува оставка поради начинот на кој неговата администрација се справи со катастрофалните поплави што го погодија регионот пред точно една година, јавија британските медиуми.
Мазон се соочуваше со огромен јавен притисок и секојдневни повици за негова оставка, вклучително и од семејствата на жртвите, уште од катастрофалните дождови на 29 октомври 2024 година, кои одзедоа 229 животи и предизвикаа штети од повеќе милијарди евра.
„Не можам повеќе вака“, им рече Мазон на новинарите по говорот во кој остро го критикуваше одговорот на централната шпанска Влада на кризата.
Жителите на погодените области, главно предградија јужно од градот Валенсија, ја обвинуваат регионалната влада дека предоцна издала предупредувања за опасноста. Многумина тврдат дека алармите дошле дури откако зградите веќе биле под вода, предизвикувајќи голем број жители да се удават во најлошите поплави што ја погодиле Европа од 1967 година.
Во своето обраќање, Мазон не разјасни дали ќе бидат распишани предвремени избори, ниту кој ќе биде неговиот привремен наследник. Исто така, остана нејасно дали тој го напушта и своето место во регионалното собрание, со што го губи својот парламентарен имунитет.
Неговата оставка се случи на истиот ден кога Марибел Вилаплана, локална новинарка со која Мазон ручал на денот на поплавите, треба да сведочи пред судија кој ја истражува кривичната одговорност на властите за смртните случаи, заклучуваат британските медиуми.

Македонски






