
Невреме со обилни врнежи што го зафати истокот на Шпанија предизвика откажување на летови и прекин на наставата во училиштата, што е најизразено во областа Валенсија.
Во оваа област во сила е портокалово предупредување поради екстремен временски ризик, со врнежи кои достигнуваат и до 180 литри на квадратен метар за дванаесет часа, пренесе Ефе.
Според портпаролот на Државната метеоролошка агенција (Аемет), Рубен дел Кампо, се очекува во текот на денот ситуацијата да биде „многу неповолна“ во источниот дел на Иберискиот Полуостров, а се предвидува дека врнежите долж медитеранскиот брег на Шпанија веројатно ќе ја надминат количината од 300 литри на квадратен метар.
Се очекува невремето, почнувајќи од утре, да ги погоди и Балеарските Острови, каде што предупредувањето за екстремни временски услови ќе биде подигнато на портокалово ниво.
Фото: Аемет на Х скриншот