
Аргентинските власти разбија озлогласена руска секта, во заедничка операција на два аеродроми во која беа фатени 14 лица, разоткривајќи темна мрежа на наводна трговија со луѓе.
Константин Руднев, 57-годишниот основач на сектата Ашрам Шамбала, бил запрен заедно со неговите следбеници на аеродромите во Барилоче и Буенос Аирес на 31 март додека бил на пат за Бразил.
Истрагата почнала кога млада бремена Русинка пристигнала во болницата во Барилоче за да се породи, што предизвикало непосредна загриженост кај медицинскиот персонал.
Лекарите биле згрозени од состојбата на жената и однесувањето на нејзините сопатници. 22-годишната жена изгледала сериозно неухранета и видно исплашена, додека двете жени кои ја придружувале ја спречиле да зборува. Ова поттикнало итна полициска истрага.
Во меѓувреме, младата Русинка се породила, а полицијата продолжила да го следи нејзиното однесување и да снима кој доаѓа да ја посети. Се појавиле две лица, а полицијата утврдила дека им истекол легалниот престој во Аргентина. Затоа биле приведени, а со дополнителна проверка било откриено дека зад целиот случај стои трговија со луѓе.
Руднев има долга историја на криминално однесување. Поранешен советски војник кој бил хоспитализиран по психијатриска епизода во средината на 1980-тите, ја основал сектата во Новосибирск во 1989 година. Во својот врв во 1990-тите, организацијата тврдеше дека има над 20.000 следбеници во 18 руски региони.
Операциите на сектата биле длабоко манипулативни. Следбениците биле принудени да го дадат својот имот, да ги напуштат семејствата и да се потчинат на екстремните контролни механизми на Руднев. Наводно, жените биле принудувани на сексуални односи, додека мажите биле обврзани да останат во целибат. Главниот извор на приход на групата била продажба на снимки од ритуални средби и наплата на високи такси за курсеви за јога и медитација.
При неговото апсење биле пронајдени 130 таблети кокаин, 12 мобилни телефони, 10 сим-картички, сателитски телефон и 15.000 долари во кеш. Руднев при апсењето се обидел да си го пресече грлото, но интервенирала полицијата.
Претходните правни проблеми на Руднев вклучуваат 11 години затвор за силување, трговија со дрога и организирање група ангажирана во насилство.
По излегувањето од затвор во 2021 година, Руднев се преселил во Црна Гора, каде што претходно бил приведен поради снимање, како што полицијата го опишала, „ритуална порнографија“.
По влегувањето во сектата, жените биле принудени да учествуваат во ритуални силувања и оргии со Руднов и други водачи на сектата. Сектата привлекувала луѓе преку социјалните мрежи, ветувајќи финансиски просперитет и лична среќа преку „женски практики“ и псевдодуховна манипулација.
Жените пронајдени со Руднев во Аргентина биле сериозно неухранети и немале влакна на делови од главата, што е можен показател за долгорочна неухранетост и психолошка контрола.
Случајот е предаден на Федералното обвинителство во Барилоче, а можните обвиненија вклучуваат трговија со луѓе, сексуална експлоатација и прекршоци поврзани со дрога. Во наредните денови се очекува прелиминарно рочиште за утврдување на правниот статус на преостанатите приведени, пренесува „Москва тајмс“.
Како што напредува истрагата, остануваат прашањата за целосниот обем на операциите на сектата Ашрам Шамбала и можниот број на жртви оставени во нејзината сенка.