
Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединети нации упатија заедничко писмо во кое се повикуваат земјите-членки да предложат кандидати за генерален секретар на ОН.
Во писмото, испратено од Постојаната мисија на Сиера Леоне во ОН, земјата претседавач со СБ во ноември, се препорачува земјите да предложат жени како потенцијални кандидати.
Изборот за генерален секретар на ОН ќе се одржат во јули следната година.
Овој процес се спроведува во согласност со резолуцијата на Генералното собрание од 2015 година, со која се дефинираше воведувањето на потранспарентна и поинклузивна постапка за избор на генерален секретар. Според овие правила, секоја земја-членка може да го номинира својот кандидат преку официјално писмо упатено до претседателите на СБ и ГС. Од кандидатите ќе се бара да ја презентираат својата визија за идниот развој на ОН, како и изворите на финансирање за нивната работа.
Според член 97 од Повелбата на ОН, генералниот секретар го назначува ГС по препорака на СБ.
Мандатот на актуелниот генерален секретар, Антонио Гутереш истекува на 31 декември 2026 година, што остава доволно време процесот на номинирање и јавните презентации на кандидатите да бидат целосно спроведени и во согласност со новите процедури.

Македонски








