
За инцидентите што се случија вчера во центарот на Атина по завршувањето на еден од најмасовните протести во последните години, грчката полиција привела 220 лица, од кои 73 се уапсени, а повредени беа над 60 лица.
Вчера во Грција со протести низ целата земја се одбележаа две години од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, а по завршувањето на официјалниот дел од масовниот собир во Атина се случија сериозни инциденти.
Од грчката полиција соопштија дека околу 700 лица, „искористувајќи ја големината на собирот, се здружија во групи и се собраа пред споредниот влез на грчкиот Парламент, каде жестоко ги нападнаа врз полицајците и другите лица кои беа во дворот“.
Нападот беше со употреба на молотови коктели, камења, мермери, димни бомби, како и метални и други предмети, со што се создаде голема опасност за физичкиот интегритет и животот на граѓаните кои учествуваат на собирот.
Полицајците, откако се погрижија да ги заштитат граѓаните кои мирно протестираа, отстранувајќи ги во безбеден правец, пристапија кон употреба на неопходните и соодветни средства за задржување и деескалација на нападите, соопштија од грчката полиција.
Инциденти брзо се проширија и на околните улици и траеја подолго време, а полицијата одговори со солзавец, шок бомби и топови со вода.
Вкупно, како на превентивно ниво, така и за време на нападите, полицијата приведе 220 лица, од кои 73 се уапсени.
Паралелно, во нападите беа повредени 29 полицајци, а причинета е штета на објекти и возила, соопштија од полицијата.
Неофицијално, меѓу приведените се и членови на навивачки групи на атински клубови, додека пак освен повредените полицајци, 34 граѓани побарале помош во грчките болници поради полесни повреди или проблеми со дишењето.
Во инцидентите повредени беа и двајца фоторепортери.
Фотографиите од дрон од вчерашниот протест во Атина, на кои се гледа масовниот одзив на граѓаните, кои ги преплавија и исполнија сите централни улици во грчката престолнина, денеска се на насловните страници на весниците во Грција.