
Руската нуклеарна доктрина и понатаму е во сила и сите нејзини одредби важат, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, нагласувајќи ја нејзината важност за безбедноста на земјата.
Тој потсети дека претседателот Владимир Путин веќе објаснил оти Русија нема намера да нападне ниту една земја-членка на НАТО. Тој ја нарече западната реторика за закана од Русија – „лажна закана“.
Песков информираше дека засега не е планиран телефонски разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, но не ја исклучи таа можност.
Засега не. Но тоа може да биде организирано многу брзо, рече портпаролот, додавајќи дека разговорите би можеле да бидат договорени во иднина.
Во врска со новата американска шема за испорака оружје на Украина, Песков изјави дека тоа е „едноставно деловна работа“. Тој праша „кој го плаќа сето тоа“ и додаде дека испораките не се новост.
Кремљ, како што наведе, повикува меѓународната заедница, особено САД, да извршат притисок врз Украина за да се обнови дијалогот со Русија. Москва, според Песков, е подготвена за трет круг преговори, но Киев сè уште не одговорил на понудите за состанок.
Песков остро го критикуваше, како што го нарече, „милитаристичкиот став на Европа“, велејќи дека европските земји покажуваат подготвеност да „трошат неограничени средства за набавка на оружје“ со цел продолжување на војната во Украина.
Тој додаде дека Кремљ внимателно ги следи сите изјави за западни испораки оружје на Украина и нагласи дека оваа тема е „високо на дневниот ред“ на руското раководство, бидејќи, како што рече, тие испораки ја попречуваат можноста за решавање на конфликтот.