Skip to main content

Орбан: Ако Унгарија има нафта, ќе има и Србија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Суботица изјави дека неговата земја зависи од увозот на нафта и гас, но дека резервите што ќе ги има ќе ги подели со Србија.

Унгарија не располага со значајни извори на нафта и гас. Живееме од увоз, главно од Русија. Американците воведоа санкции, јас ќе имам две работи – да средам Унгарија да биде изземена од санкциите и да обезбедиме да има нафта, а не само дозволи. Ако Унгарија има нафта, ќе имате и вие – рече Орбан

Тој и српскиот претседател Александар Вучиќ им се обратија на новинарите откако во Суботица им беа доделени признанијата од Фондацијата „Иштван Пастор“ за унапредување на односите меѓу двете земји и народи.

Тој повтори дека Србија секогаш може да смета на помошта од Унгарија и додаде дека двајцата денеска на работниот ручек ќе разговараат за енергетската стабилност и мирот.

На новинарско прашање да ја прокоментира изјавата на неговиот шеф на кабинет дека унгарскиот МОЛ би можел да купи удел во НИС, тој рече дека таа одлука е на Србија.

Ќе биде така како што ќе одлучат Србите, а во тоа со задоволство ќе учествуваме. Тоа е исклучиво ваша одлука, ние ви стоиме на располагање – рече Орбан.

Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Гергељ Гулјаш, претходно изјави дека унгарскиот МОЛ би можел да купи удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во руска сопственост, а преговорите за тоа се во тек. Гулјаш на брифинг за новинари рече дека „може да постои можност за нормална пазарна трансакција, но преговорите се во тек“.

Поврзани вести