
Одржувањето на менталното здравје на нашите деца и млади е основа на силно и отпорно општество, бидејќи здравјето на нашите умови е суштински дел од нашата благосостојба, наведе еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји во пораката по повод Светскиот ден на менталното здравје – 10 октомври.
– Младите Европејци денес се соочуваат со предизвици многу поразлични од оние на нивните родители. Брзата дигитализација, постојаната поврзаност, онлајн притисокот и изложеноста на глобалните предизвици имаат длабоко влијание врз тоа како тие размислуваат, како се чувствуваат и како комуницираат. Онлајн светот нуди огромни можности за учење, комуникација и креативност, но исто така носи и нови ризици што можат да ја поткопаат самодовербата и самопочитта, порача Вархеји.
Затоа, според него, одржувањето на менталното здравје мора да биде дел од подготовките на младите луѓе за нивната иднина, преку споделена одговорност низ образованието, здравството и технологијата.
– Преку нашиот сеопфатен пристап кон менталното здравје, Европската комисија ги поддржува земјите членки и засегнатите страни да преземат акција. Со речиси 1,3 милијарди евра ЕУ поддржува 20 водечки иницијативи за сите возрасти, со посебен фокус на децата и адолесцентите, потенцира Вархеји.
Тој истакна дека темата на овогодишниот Светски ден на менталното здравје – „Пристап до услуги: Менталното здравје при катастрофи и вонредни состојби“, покажува дека обезбедувањето здравствени услуги, дури и во најтешките околности, е од витално значење за зајакнување на отпорноста на луѓето, што пред се зависи од оние кои ги обезбедуваат тие услуги.
– Студија финансирана од ЕУ покажува дека речиси еден од тројца лекари и медицински сестри доживуваат симптоми на нарушено ментално здравје, а еден од четири лекари работи повеќе од 50 часа неделно. Притисокот расте поради недостигот на работна сила. Оние кои се грижат за другите не смеат и самите да останат без помош, порача Вархеји.
Поради тоа, како што нагласи еврокомесарот, ЕУ поддржува инвестиции во добро ментално здравје и посилни здравствени услуги низ цела Европа и работи на зајакнување на здравствената работна сила, преку справување со недостигот на персонал, спречување премор на вработените и подобрување на нивните услови за работа.
– На отпорна Европа и се потребни силни услуги за ментално здравје. Инвестирањето денес, не подготвува за утрешните предизвици, додаде Вархеји во пораката по повод Светскиот ден на менталното здравје – 10 октомври