
Обилни дождови и силни ветрови се очекуваат од денеска до петок во Италија, по што ќе следи студен бран, објави италијанската новинска агенција AНСА, повикувајќи се на националната метеоролошка служба.
Поради наглиот пад на температурите во текот на викендот, се очекуваат и снежни врнежи на многу места.
Калабрија и Сицилија ќе бидат изложени на најголем ризик во наредните часови, а таму се очекуваат силни ветрови и град, предупредуваат метеоролозите. Дожд ќе врне и на крајбрежјето на Тиренското Море, а обилни снежни врнежи ќе има во регионот Вале Д’Аоста.
Лошото време ќе продолжи утре, а се очекуваат и бури во Сардинија. Постои ризик од високи бранови и на бреговите на западна Сардинија, Сицилија и Калабрија. Времето ќе се смири в петок, непосредно пред студен бран да ја зафати земјата во текот на викендот.

Македонски



