Skip to main content

Нема толеранција за насилните протести, вели Мерц

Printscreen

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на строг одговор против одговорните за насилството во текот за протестите во неколку германски градови што се одржаа за време на викендот.

Насилството нема место на нашите улици и мојата влада нема да покаже толеранција во овој поглед. Секој што напаѓа полицајци и персонал на службите за итни случаи и ограбува продавници, ја напаѓа нашата слобода, се потсмева на општеството и легитимните интереси на младите луѓе. Прекршителите ќе ја почувствуваат целата сила на законот – наведе Мерц.

Тој им се заблагодари на полицајците, наведувајќи оти реагирале на соодветен начин.

Според Мерц, поголемиот број млади луѓе мирно демонстрирале и испратиле позитивна порака дека се политички ангажирани и загрижени за својата иднина.

Помладата генерација не смее да биде оптоварена со трошоците на општеството што старее. Затоа спроведуваме пензиска реформа за младите луѓе, затоа сме загрижени за нашата безбедност и затоа ја подготвуваме нашата економија за дигиталната иднина – наведе Мерц.

За време на протестите на Генерацијата Зет, одржани во саботата во околу 30 градови низ Германија, се случија неколку инциденти и судири со безбедносните сили. Најсериозни судири беа забележани во Берлин, Франкфурт, Хамбург, Келн и Штутгарт, каде што некои демонстранти фрлаа шишиња, камења и пиротехнички средства кон полицијата, запалија барикади и предизвикаа немири. Во Берлин, полицијата интервенираше неколку пати, користејќи бибер спреј и апсејќи ги учесниците во немирите. Во немирите во Франкфурт беа повредени над 100 полицајци. (МИА)

Поврзани вести