Skip to main content

Напаѓач во Сан Антонио рани седум полицајци, потоа пронајден мртов

Седум полицајци биле застрелани за време на повеќечасовна престрелка откако одговориле на повик „самоубиство во тек“ во Сан Антонио, соопштија денеска локалните власти.

Полицијата синоќа малку пред 20:30 часот по локално време добила повик дека е во тек самоубиство, по што следел втор повик дека дошло до пукање во станбен комплекс на Стоун Оук Парквеј, се вели во соопштението на полицијата на Сан Антонио, пренесе Ен Би-Си Њуз.

Кога полицајците пристигнале, од станот излегло женско лице и изјавило дека осомничениот пукал внатре и дека излегува, се вели во полициското соопштение.

Осомничениот, идентификуван како 46-годишниот Брендон Скот Поулос, „потоа излегол од станот и отворил оган врз полицајците кои реагирале, при што еден полицаец бил повреден во ногата“, соопшти полицијата на Сан Антонио.

Тој потоа продолжил да пука во уште шест полицајци додека бил забарикадиран во комплексот, додаде полицијата.

Повредите на сите седум полицајци не се опасни по живот и сите тие „целосно ќе закрепнат“, соопшти полицијата.

Осомничениот потоа се вратил во станот, по што следеле повеќечасовни преговори за мирно да се предаде. Полицијата ги евакуирала жителите од станбената зграда и на крајот го пронашла осомничениот, кој бил мртов.

Сè уште не е познато дали извршил самоубиство или бил убиен од полицијата.

Поврзани вести