
Револуционерниот потфат на визионерските лидери да го заменат историското ривалство со споделен суверенитет, преку економска и политичка интеграција, го трасираа патот за ера на просперитет, мир, демократија, солидарност и соработка во Европа, порачаа во заедничката порака по повод Денот на Европа – 9 мај, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателките на Еврокомисијата и на Европарламентот, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.
– Пред 75 години, на континент кој се издигнуваше од разурнувањето на Втората светска војна, визионерските лидери одлучија да го здружат производството и пазарите за јаглен и челик за да обезбедат траен мир во Европа. Денеска, во Луксембург, родното место на Роберт Шуман, ја славиме историската декларација од 9 мај 1950 година, со која се поставија темелите на Европската Унија каква што ја знаеме денес, се наведува во изјавата.
Во неа се додава дека со текот на времето, се повеќе земји одлучија да се приклучат на заедничкиот европски проект, сведочејќи за привлечноста на споделените вредности, демократијата и единството меѓу народите на нашиот континент.
– Денес, нашата работа за мир во Европа, самата суштина на Шумановата декларација, не е завршена. Европа повторно се соочува со големи предизвици. Агресијата на Русија врз Украина донесе војна пред нашиот праг. Глобалните тензии се во пораст. Климатските промени влијаат врз животите на милиони луѓе во Европа и низ целиот свет, посочуваат Кошта, Фон дер Лајен и Мецола.
Тие натаму посочуваат дека ја потврдуваме длабоката посветеност на европскиот проект што ги обединува народите во Европа, како и на процесот на проширување како најдобра геополитичка инвестиција на Европската Унија.
– Ги удвојуваме нашите напори за да обезбедиме континуиран економски просперитет, зголемена економска конкурентност и социјален напредок за европските граѓани. Преземаме чекори без преседан за зајакнување на нашата безбедност и одбрана и нашата стратешка автономија. Решени сме да го одржуваме меѓународниот поредок базиран на правила, да го зајакнеме мултилатерализмот и да дејствуваме како сигурен глобален партнер. Европа е господар на својата судбина. Ја поддржуваме Украина во сите нејзини напори кон праведен и траен мир. Духот на Шумановата декларација продолжува да живее. Таа ќе продолжи да не води додека ги здружуваме силите за да обезбедиме мир, просперитет, солидарност и соработка во Европа, се додава во пораката Кошта, Фон дер Лајен и Мецола по повод Денот на Европа – 9 мај.