Skip to main content

Може ли Европа да се натпреварува? ЕУ со нов план за зацврснување на економската положба во светот 

ЕНР – Брисел

Европа има сѐ што ѝ треба за да се искачи на врвот. Но, во исто време, мора да си ги зајакнеме слабите страни за да ја вратиме конкурентноста“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по презентирањето на патоказот за зајакнување на конкурентноста на 27-члената Европска Унија. 

Таканаречениот Компас за конкурентност е економска стратегија што предвидува зголемување на иновациите, промовирање еколошки чиста индустрија и намалување на надворешната зависност за ЕУ да може да се натпреварува со светските сили како САД и Кина. 

Во последниве 20 до 25 години, нашиот принцип на работа всушност се потпираше на евтина работна сила од Кина и наводно евтина електрична енергија од Русија, а обврската за безбедноста и безбедносните инвестиции делумно им беа отстапени на други. На овие времиња им дојде крајот“, рече фон дер Лајен. 

За да им олесни на претпријатијата и да привлече нови инвестиции, комисијата вети „невидено“ намалување на бирократските формалности за да се намалат административните трошоци на фирмите за 35 отсто и за малите и средните претпријатија за 25 отсто, како и да се поедностават обврските за поднесување извештаи. 
  
Според Фон дер Лајен, намалувањето на бирократските формалности може да им заштеди на европските компании повеќе од 37 милијарди евра годишно. 
  
Акцискиот план на комисијата се заснова на ланските извештаи подготвени од двајца поранешни премиери на Италија: Марио Драги (2021-2022) и Енрико Лета (2013-2014). 
  
Како искусен економист, Драги беше и претседател на Европската централна банка од 2011 до 2019 г. Според неговиот извештај, ЕУ ќе треба да инвестира од 750 до 800 милијарди евра годишно за да ја намали разликата со конкурентите и за да оствари нов економски раст. 
  
Извршниот потпретседател на Европската комисија одговорен за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне го дефинира Компасот како „економска доктрина“ за следните пет години и објасни дека ќе придонесе кон „поедноставување, инвестирање и забрзување на нашите економски приоритети“. На овој начин, посочи тој, конкурентноста ќе биде ставена во фокусот на секое инвестирано евро. 

Поттикнување иновации, (еколошки) раст и економска сигурност 

Компасот за конкурентност опфаќа низа иницијативи што допрва треба да се разработат во конкретни предлог-закони. 
  
Прв императив за Брисел е да ја елиминира разликата во однос на иновациите во споредба со сили како САД и Кина, создавајќи околина што го поддржува растот на европски стартапи, особено во стратешките сектори, кој во моментов е бавен поради потешкотиите да се дојде до капитал и поради сложената регулатива. 
  
Според шефот на Конфедерацијата на индустријата на Чешка, Јан Рафај, Европската комисија во последно време се фокусира повеќе на регулативата одошто на поддршката на реалниот раст на европските технолошки гиганти.

Ниту една европска компанија не е меѓу првите десет светски гиганти“, вели тој.

Бугарските компании за воздухопловство и мобилност можат да имаат полза од оваа иницијатива, изјави бугарската европратеничка Ева Мејдел за бугарската информативна интернетска страница Клуб З, наведувајќи примери како ЕндуроСат и Дронамикс. 
  
ЕндуроСат е еден од најбрзорастечките бугарски производители на наносателити и лидер во вселенскиот сектор на државата. Дронамикс е првата авиокомпанија за беспилотни товарни летала со лиценца за работа во Европа. 
  
Втората главна цел е декарбонизација на индустријата. Ова треба да се постигне преку план за еколошки чиста индустрија што Брисел има намера да го претстави на крајот на февруари. Ќе следува и акциски план за „поволна струја“ и измени на европскиот закон за климата. 
  
Мерките опфатени со ова поглавје се: преразгледување на климатскиот данок за увоз на јаглерод диоксид, промовирање закон за кружна економија, објавување стратегија за пристаништата и продолжување на отпочнатиот дијалог со автомобилската индустрија. 
  
Иновациите во тој сектор стагнираа главно поради политичките одлуки на ниво на ЕУ, според претставници од словенечката политичка сцена, Европската инвестициска банка, како и економисти и научници присутни на неодамнешната панел-дискусија организирана од Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Словенија. Тие ја посочија и ја истакнаа потребата од приспособување на вакви мерки. 
  
Третата цел, според комисијата, е ЕУ да ги надмине стратешките зависности во еден „глобален економски систем расцепкан од геополитичка конкуренција и трговски тензии“, во кој исто така се соочува и со нелојална конкуренција од сили што го ограничуваат пристапот до нивните пазари додека го преплавуваат европскиот пазар со стоки произведени со помош на огромни државни субвенции. 
  
За да се финансира засилувањето на конкурентноста на ЕУ, Драги препорача дека Европската Унија треба делумно да ги финансира инвестициите преку заедничко задолжување по терк на нејзиниот историски инструмент „ЕУ за следната генерација“, кој беше осмислен за блокот да закрепне од пандемијата на Ковид-19. 
  
Португалскиот премиер Луиш Монтенегру, на пример, се залага за зголемување на буџетот на ЕУ преку повеќе придонеси од земјите-членки, ново издавање на заедничка обврзница и уште поголеми заеми од приватниот сектор за ЕУ да може да инвестира во своите приоритети. 
  
Во неговото писмо испратено до Фон дер Лајен лани есента, тој побара повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, т.е. долгорочниот буџет на ЕУ, од 2028 г. да се зајакне. 
  
Меѓутоа, некои земји како Германија и Холандија по обичај се скептични во врска со преземањето поголеми заеднички долгови. 

Климатските активисти заземаат одбранбен став 

Додека ЕУ, соочена со глобалните предизвици, почнува да се фокусира на засилувањето на конкурентноста на своите 27 земји-членки, активистите за заштитата на климата и животната средина будно забележуваат дека новите мерки на ЕУ можеби не се компатибилни со нејзините долгогодишни еколошки амбиции. 
  
Според Марцин Королец, поранешен полски министер за животна средина, Компасот „потфрла во однос на јасно задоволување на потребата од значителни инвестиции во еколошки чиста технологија и поевтини енергетски решенија“. 

Не може да се занемари пресудната важност на конкретни инвестиции кога станува збор за добивање поволна електрична енергија и остварување долгорочна конкурентност против Кина и САД“, додава Королец, кој сега раководи со аналитички институт за зелена економија. 

Според Ана Стелингер, директор за ЕУ и надворешни работи во Конфедерацијата на шведски претприемачи, „драстичното“ намалување на бирократијата ќе биде корисно и во еколошки цели. Таа вели дека „исклучително е важно да ги задржиме нашите амбиции и цели“, додавајќи: „Нашите компании инвестираа многу (во нив). Но, правилата мора да бидат полесни.“ 
  
Според Конфедерацијата на индустријата на Чешката Република, европските климатски цели мора да ги земат предвид различните услови во поединечните земји-членки и реалната достапност на технологиите за декарбонизација. Според шефот на конфедерацијата, Јан Рафај, не можат сите сектори да ги намалат своите емисии на јаглерод диоксид толку брзо колку што налага сегашното европско законодавство. 
  
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ нема да го смени зацртаниот правец, туку ќе се држи до својата цел да стане климатски неутрална до 2050 г. „Да бидам сосема јасна, Европската Унија останува на зацртаните цели во Зелениот договор, без никаков сомнеж“, рече таа. 
  
За да ја засили конкурентноста на нето-нула индустријата на ЕУ, се очекува комисијата да излезе со својот т.н. Договор за еколошки чиста индустрија – фокусиран првенствено на транзицијата кон еколошки чисти технологии, како обновливи извори на енергија, но и со план за драстично намалување на цените на струјата. 
  
Само неколку недели пред објавувањето, европската синдикална организација Индастријал ги повика членовите да се соберат во среда, 5 февруари, во Брисел за заеднички да побараат силен план за одржување и создавање добри индустриски работни места во Европа. 
 
Се очекува Европската комисија да го објави Договорот за еколошки чиста индустрија на 26 февруари. 

Поврзани вести