
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја повика Европа повторно да ја открие „храброста на своите основачи“ и да се спротивстави на „враќањето на национализмот“.
Тој ја претстави својата визија за суверена, обединета и безбедна Европа во Мец на состанок за европска изградба и мир, на кој присуствуваше и папата Лав XIV.
Макрон зборуваше во Лорена, регион на границата со Германија, Белгија и Луксембург, кој има тешка воена историја и каде што е погребан Роберт Шуман, еден од првичните основачи на европскиот проект.
„Овде чука илјадагодишното срце на Европа – Европа која штити, обединува и дејствува. Тоа е суверена и демократска Европа, водена од проект за мир и благосостојба“, рече Макрон.
„Европа мора да ја најде храброста да стане сила на мирот, независноста и демократијата, што е нејзина задача. Ни треба храброст да не се предадеме на изолационизмот, омразата кон другите и враќањето на национализмите што носат раздор“, нагласи Макрон на последниот ден од посетата на папата на Франција.
Во своето обраќање, последно за време на посетата на Папата, Макрон нагласи дека Европа е изградена врз „грчко-римски и јудео-христијански темели“, француско-германско помирување и „волјата на народот што се ослободи од диктатурите по 1945 година“. Тој предупреди дека „враќањето на империите“ денеска е под силен притисок.
Најавено е дека францускиот претседател ќе присуствува и на миса предводена од Папата во Мец попладнево.
„За да се обезбеди вистински суверенитет, мора да дејствуваме. Приоритет е да работиме на нашата безбедност и да ги зачуваме нашите вредности. Мирот не се прогласува со декрет, тој трпеливо го градат разумни и упорни луѓе со добра волја“, рече Макрон, кој се сретна со папата и во петокот во Елисејската палата.
Тој додаде дека Европа „не е сила што ги уништува нациите, туку сила што ја продолжува и ја зголемува нивната способност да дејствуваат и да управуваат со сопствената судбина“.
Европското наследство, рече тој, „го кристализираше приматот на личноста, а потоа и на слободната, рационална индивидуа“. Како дел од тоа наследство, тој ги спомена „слободата, критичкото размислување, посветеноста на науката, либералната демократија“ и „капитализмот и слободната трговија, кои се неразделни од државата на благосостојба и социјалната демократија“.(МИА)

Македонски


