Skip to main content

Кошта: Сегашниот мандат на европските институции ќе биде мандат на проширување на ЕУ

Актуелниот мандат на европските институции решивме да биде мандат на проширување на ЕУ со Украина, Молдавија, Западниот Балкан, а можеби и со Грузија, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференција на крајот на посетата на група европски лидери на Киев по повод тригодишнината од стартот на руската агресија врз Украина.

Проширувањето е процес базиран на заслуги и се придржуваме до тоа со Европската комисија и различните земји кандидати – рече Кошта.

Тој нагласи дека ЕУ е посветена на процесот на прошетување, па затоа изрази уверување дека сите заедно – земјите членки, Европската комисија, Украина и државите од Западниот Балкан ќе работат напорно за спроведување на неопходните реформи за членство.

Импресивно е да се види што досега направи Украина. Всушност Украина пишува нов прирачник како се спроведуваат реформи во услови на војна. Тоа е тешко да се замисли – рече Кошта додавајќи дека членството на Украина во ЕУ би било најзначајната безбедносна гаранција за иднината на земјата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од своја страна истакна дека процесот на проширување на ЕУ секогаш бил базиран на принципот на заслуги и во основа тоа значи дека има некои обврски и реформи кои мора да се спроведат и имплементираат, што е добро и за Европската Унија и за земјите кандидати.

Фон дер Лајен нагласи дека за спроведување на тие реформи е потребна политичка волја и кога станува збор за Украина, доколку таа продолжи за сегашното темпо на нивна имплементација може да биде подготвена за членство во ЕУ и пред 2030 година.

Сведок сум на многу пристапни процеси, но сум длабоко импресионирана од брзината и квалитетот со кои Украина се реформира и ги презема сите неопходни тешки чекори, додека води војна за опстанок. Тоа е навистина импресивно. Овде имаме пример на најголеми заслуги, највисок квалитет и брза имплементација, изјави Фон дер Лајен, упатувајќи апел до сите да работат напорно и да го искористат сегашниот моментум во процесот на проширување.

Поврзани вести