
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека денеска вкупно 106 пратки со хуманитарна помош се исфрлени во Појасот Газа од авиони на Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Германија, Холандија и за прв пат од Грција и Италија.
Во секој пакет има околу еден тон храна, објави „Тајмс оф Израел“.
Војската соопшти дека од 26 јули, кога Израел усвои нова политика за да дозволи повеќе помош да стигне до Газа, повеќе од 1.000 пакети со помош од 10 земји, вклучувајќи го и Израел, се исфрлени од авиони во енклавата.
Како што се наведува, пакетите кои од авион ги исфрли ИДФ, се испорачани на меѓународни хуманитарни организации. Израел ја промени својата политика под растечкиот меѓународен притисок поради кризата со глад во Газа, но исфрлањето пакети од воздух е само мал дел од помошта што може по копнен пат да влезе во Газа, наведува „Тајмс оф Израел“.