Skip to main content

Хамас одговори на предлогот на Израел за прекин на огнот

Палестинското исламистичко движење Хамас денеска одговори на предлогот на Израел за 60-дневен прекин на огнот во Појасот Газа, соопштија два палестински извори блиски до преговорите во Доха.

Одговорот содржи амандмани на клаузулите за влез на хуманитарна помош, мапи на областите од кои би се повлекла израелската војска и гаранции за трајно завршување на војната, изјавил еден од изворите за Франс Прес, пренесе Бета.

Преговорите во Катар се водат преку посредници во обид да се постигне договор за примирје што би овозможил ослободување на десет израелски заложници во замена за неодреден број Палестинци од затворите во Израел.

Разговорите траат повеќе од две недели без напредок, при што страните меѓусебно се обвинуваат дека одбиваат да попуштат.

За Израел, главна цел е Хамас да се оневозможи да војува и да владее, додека движењето бара цврсти гаранции за трајно примирје, целосно повлекување на израелските сили и слободен проток на хуманитарна помош во Газа.

Портпаролот на израелската влада, Давид Менсер, денеска го обвини Хамас дека ги попречува преговорите.

– Израел го прифати катарскиот предлог, како и ажурираниот предлог (на американскиот специјален пратеник Стив) Виткоф, Хамас е тој што одбива, изјави Менсер додавајќи дека израелските преговарачи сè уште се во Доха и оти разговорите продолжуваат.

САД вчера соопштија дека Виткоф оваа недела ќе патува во Европа на разговори за Газа, а потоа би можел да патува на Блискиот Исток „со цврста надеж дека ќе постигнеме нов прекин на огнот, како и хуманитарен коридор за испорака на помош, за што двете страни, всушност, се согласија“, изјави вчера портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Поврзани вести