
Преговарачите на палестинската милитантна група Хамас се информирани за новиот предлог за прекин на огнот во Газа, подготвен од Египет и Катар, со помош на Турција, кој би вклучувал крај на војната и ослободување на сите заложници, објавува Скај њуз арабик.
Според извештајот, договорот би предвидувал ослободување на сите заложници, и мртви и живи, во замена за палестински затвореници, додека Израел би ги повлекол своите воени сили „под надзор на арапско-американска коалиција“ додека не се постигне договор за разоружување на Хамас и повлекување од управувањето со Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
Во меѓувреме, Турција и другите медијатори би гарантирале прекин на сите воени активности на Хамас, дозволувајќи да започнат разговори за траен крај на војната.
Според извештајот, доколку Хамас ги прифати условите на предлогот, тој би бил доставен до американските медијатори за да му биде доставен на Израел.
Скај њуз го претставува предлогот како наменет за „отстранување на секој изговор за окупација на Газа“ од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Извештајот беше објавен откако делегацијата на Хамас се врати во Каиро, како дел од обновените напори за повторно започнување на преговорите за прекин на огнот, кои се во ќорсокак.
Извор: МИА