Skip to main content

Гренланд јасен: Минералите се наши, рацете подалеку!

Владата на Гренланд остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, во кои тој тврдеше дека постои договор со НАТО во врска со користењето на природните ресурси на островот. Од Нук јасно порачаа дека иднината на минералниот сектор нема и не смее да се одлучува од надворешни центри на моќ.

„Сè е на маса, освен нашиот суверенитет“, изјави министерката за минерални ресурси Нааја Натаниелсен во интервју за POLITICO, потенцирајќи дека Гренланд никогаш нема да прифати странски држави или сојузи да диктираат како ќе се управува со неговите природни богатства.

Таа категорично ги отфрли шпекулациите за можен надзорен одбор за минералите, формиран или контролиран од друга држава.

„Тоа би значело директно откажување од суверенитетот. Нашите минерали се наша надлежност и наша одговорност“, порача Натаниелсен.

Гренланд располага со значајни резерви на ретки земни елементи, нафта, гас, злато и метали клучни за транзицијата кон чиста енергија — ресурси што во услови на глобална геополитичка и енергетска неизвесност добиваат сè поголемо стратешко значење. Токму поради тоа, островот сè почесто се наоѓа во фокусот на интересите на големите сили.

И покрај цврстиот став за суверенитетот, гренландската влада нагласува дека не е затворена за соработка. Напротив, отворена е за мултилатерални партнерства и рударски договори, но исклучиво под услов тие да се базираат на заемна корист, транспарентност и почитување на автономијата на островот.

По средбата меѓу гренландскиот премиер Јенс Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен, беше потврдено дека се работи на дипломатски канали за смирување на тензиите со САД. Во меѓувреме, Европската унија интензивно гради сопствен ланец за снабдување со критични минерали, што дополнително ја зголемува геополитичката важност на Гренланд.

„САД не се непријател, но не се секогаш ни пријател“, заклучи Натаниелсен, испраќајќи порака дека Гренланд е подготвен за партнерства — но не и за откажување од правото сам да одлучува за својата иднина.

Поврзани вести