Skip to main content

Франција блокираше две поглавја во преговорите на Црна Гора со ЕУ

Пиксабеј

Франција го блокираше затворањето на две поглавја во преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија, но се очекува Подгорица да затвори три поглавја следната недела, потврдија дипломатски извори по состанокот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ во Брисел.

Според извори на ТВЦГ, Црна Гора треба да ги затвори поглавјата за правото на основање компанија и слободата на обезбедување услуги (3), слободното движење на капиталот (4) и трговското право (6). Меѓувладина конференција е планирана за 16 декември, пред почетокот на седницата на Советот на министри за општи работи на Европската Унија.

Франција се спротивстави на затворањето на поглавјата за земјоделство и рурален развој (11) и рибарство (13), поради што овие поглавја остануваат отворени по последната рунда консултации.

Дипломатски извори укажуваат дека постојаните претставници на земјите-членки повторно ќе се состанат во текот на викендот, што би можело да биде дополнителна можност да се разговара за потенцијалното затворање на уште некои поглавја пред меѓувладината конференција.

Црна Гора официјално ги почна преговорите за членство во Европската Унија на 29 јуни 2012 година, откако доби статус на кандидат во 2010 година. Оттогаш, ги отвори сите поглавја од преговорите и привремено затвори неколку.

Поврзани вести