Skip to main content

Фон дер Лајен најави исплата на шест милијарди евра поддршка за Украина

За траен мир потребна е силна и независна Украина, па затоа денеска ќе и исплатиме речиси шест милијарди евра од програмата за Економски и финансиски реформи (ЕРА) и од Украинскиот механизам, најави претпладнево претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците во дебатата за резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ.

Фон дер Лајен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „погрешно се пресметал“ ако се уште верува дека може да надвладее и ако мисли дека со текот на времето Русија може да ги постигне своите цели на бојното поле во Украина.

Сега е моментот да излеземе со нов импулс, да ги разоткриеме циничните обиди на Путин да купи време и да го доведеме на преговарачка маса. Мора да продолжиме да ги зголемуваме трошоците за војната за Русија, кога лузните на руската економија токму сега стануваат се повидливи – рече Фон дер Лајен.

Таа ги поздрави и заложбата на европските лидери за покривање на финансиските потреби на Украина за следните две години со користење на замрзнатите руски средства, за што засега резерви изразува белгиската Влада.

Тесно соработуваме со Белгија и со сите земји членки за можните опции за исполнување на оваа обврска. Опција 1 е да се искористи просторот во Буџетот за обезбедување пари на пазарите на капитал. Опција 2 е да се има меѓувладин договор и земјите членки сами да го обезбедат потребниот капитал. Опција 3 е да се има „Заем за репарација“ врз основа на замрзнатите руски средства – рече Фон дер Лајен.

Според неа, третата опција е најефикасниот начин да се одржат украинската одбрана и економија, да се натера Русија да сфати дека времето не е на нејзина страна и да се покаже дека Европа ќе стои зад Украина колку што е потребно.

Фон дер Лајен се осврна и на прашањата за декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентност, посочувајќи дека овие два процеси можат да се одвиваат „рака под рака“, но на тој пат ЕУ мора да биде брза, флексибилна, прагматична и прилагодлива.

Природата секојдневно не потсетува на цената на неактивноста, на екстремните временски настани. Ако сме активни ќе можеме да ги промениме работите на подобро. Принципот е јасен. Ако загадувате, плаќате. Ако не сакате да плаќате – иновирајте. И резултатот е јасен – декарбонизацијата и иновациите одат рака под рака – рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека огромен дел од намалувањето на емисиите на стакленички гасови во последната деценија се должи на користењето на обновливи извори на енергија, кои, како што рече, претставуваат огромна можност за Европа и за намалување на превисоките цени на енергијата, кои се главната пречка за европската конкурентност.

Фон дер Лајен истакна дека за зајакнување на конкурентност, ЕУ, меѓу другото, ги лансираше иницијативата „Избери ја Европа“ и Фондот за зголемување на обемот на иновации, ја унапреди Унијата за штедење и инвестиции, ја промовираше стратегијата „Вештачката интелигенција на прво место“, гради гигафабриките и предлага поволност за иновативните компании.

Сето ова е од витално значење и итно. Имаме толку многу потенцијал, но навистина мора да го ослободиме. Тоа, сепак, бара заедничко чувство на итност и вклученост на сите – додаде Фон дер Лајен.

Поврзани вести