Skip to main content

Европол уапси над 400 лица, продавале лажни лекови во 30 земји

Меѓународните истражители уапсија 418 осомничени како дел од операцијата насочена кон трговија со лажни лекови и недозволени супстанци во 30 земји, соопшти денеска телото за спроведување на законот на Европската унија, Европол.

Повеќе од 400.000 пакувања „нелегални фармацевтски производи“, речиси 175.000 ампули и над 4,5 милиони таблети биле запленети за време на рациите спроведени меѓу април и ноември минатата година, се вели во соопштението на Европол.

Вкупните заплени на операцијата наречена „Shield V“ се во вредност од повеќе од 11 милиони евра (11,4 милиони долари), се вели во извештајот.

Операцијата беше предводена од француските, грчките, италијанските и шпанските власти, а координирана од Европол.

Лажните лекови со кои се тргува во ЕУ се во пораст, што носи огромна цена за поединецот и општеството, велат од агенцијата.

Според Европол, во рамките на операцијата биле истражени вкупно 52 организирани криминални групи.

Агенцијата забележа дека „социјалните медиуми и онлајн пазарите, и на темната мрежа“ се централни во трговијата со „фалсификувани фармацевтски производи“.

Службениците за спроведување на законот заплениле широк спектар на лекови, вклучувајќи лекови против болки, лекови за рак, допинг супстанции, хормони и психотропни лекови.

Поврзани вести