Skip to main content

ЕУ одлучи да ги укине економските санкции за Сирија

Freepik

Шефовите на дипломатиите на Европската Унија попладнево одлучија да ги укинат економските санкции врз Сирија, објави високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, јави ДПА.

Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија, напиша Калас на X.

„ЕУ отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на последните 14 години – и ќе продолжи да го прави тоа.“

ЕУ има за цел да игра водечка улога во закрепнувањето и идната реконструкција на Сирија, додаде таа.

Санкциите против поединци и организации поврзани со режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад и оние одговорни за насилната репресија врз сирискиот народ и кршењето на човековите права ќе останат на сила.

Дополнително, ограничувањата за извоз на оружје, како и стоки и технологии што се користат за внатрешна репресија, засега ќе останат на сила.

Земјите-членки на ЕУ уште во февруари се согласија за постепено олеснување на санкциите со цел да се поддржи брзото економско закрепнување во Сирија, како и нејзината реконструкција и стабилизација, потсети ДПА.

Мерките во енергетскиот, транспортниот и банкарскиот сектор првично беа суспендирани до јуни.

Поврзани вести