Skip to main content

Дронови „од непознато потекло“ регистрирани над повеќе локации во Белгија

По синоќешното привремено затворање на бриселскиот аеродром „Зевентем“ поради појава на дрон во неговиот воздушен простор, инциденти со прелети на неидентификувани беспилотни летала во текот на ноќта и претпладнево се регистрирани на уште неколку локации ширум Белгија.

Аеродромот во Лиеж утрово беше затворен за сообраќај околу еден час, откако над аеродромскиот комплекс бил регистриран дрон. Аеродромот е одново отворен околу 8 часот.

Ова е втор прекин на воздушниот сообраќај на аеродромот „Бирсе“ во Лиеж за помалку од 10 часа, откако и синоќа, исто така поради регистриран дрон, тој беше затворен во периодот од нешто пред 22 до околу 23:20 часот. Поради истите причини, претходно синоќа на околу 40 минути за сообраќај беше затворен и воздушниот простор над аеродромот во Брисел.

На реакциите на зачестените затворања на аеродромите во Белгија последниве денови се огласи белгиската Контрола на воздушниот сообраќај, која соопшти дека согласно процедурите таа е должна да воведе суспензија на летовите, доколку во зоната околу аеродромскиот комплекс биде забележан дрон.

Во соопштението на Контролата се додава дека денешниот инцидент во Лиеж е прв случај дрон да се појави над зоната на еден аеродром дење, бидејќи досега сите такви инциденти се случуваа во ноќните часови.

Аеродромите во Лиеж и Брисел времено беа затворени за сообраќај и во вторникот вечерта, исто така, поради забележани дронови во нивниот воздушен простор.

Во текот на ноќта полициски службеници забележале непријавени прелети на дронови и над пристаништето во Антверпен, кое е најголемо во Белгија.

Портпаролот на пристанишната управа, Ленарт Верстапен, објасни дека вообичаено секој месец добиваат по околу 200 барања за дозвола за прелети на дронови над пристаништето и тоа најчесто од страна на компании.

Но, исто така, имаме и систем за детекција на дронови над пристаништето. Тоа ни овозможува да пресретнуваме непријавени летови на дронови. По секоја детекција на дрон следи анализа на ризик, изјави Верстапен за јавниот радиодифузен сервис ВРТ.

Сепак, тој признава дека е можно „некои видови на дронови да не можат да се детектираат“.

Дронови минатата ноќ биле регистрирани и над Кралското средно воено училиште во Синт Трауден во источна Белгија.

Шефот на локалната полиција во изјава за медиумите посочува дека ова е втора ноќ по ред да биде забележан дрон над училиштето, познато и како Камп „Сафранберг“.

Сепак, според него, тоа не предизвикува „голема загриженост“ кај учениците, па во очекување на понатамошни упатства, полицијата нема да преземе дополнителни безбедносни мерки.

Последниве недели во Белгија беа регистрирани прелети на неидентификувани дронови над аеродроми, воени бази, меѓу кои и „Клајне-Брогел“ за каде се претпоставува дека е стационирано американско нуклеарно оружје, како и над училишта и други значајни објекти, вклучително и над Белгискиот нуклеарен истражувачки центар (СЦК).

Експертот Јонатан Берте денеска во гостување во утринската програма на државното Радио 1 изјави дека иако појавата на дронови на бројни локации во Белгија некои најчесто ја поврзуваат со Русија, сепак во моментов никој точно не знае кој стои зад сето тоа.

Бизарно ми е кога луѓето укажуваат на Русија. Военото разузнавање формално ми потврди дека никогаш јавно не кажале нешто такво. Тоа се гласини. Можеби Државната безбедност мисли дека е така, рече Берте.

Тој посочи дека за време на бранот дронови во Њу Џерси лани во ноември, вината за таквите инциденти им се припишуваше на Иранците.

Постојано се појавуваат непроверени прикази, но ние едноставно не знаеме точно, истакна Берте, додавајќи дека се добива впечаток оти оној што стои зад инцидентите со дроновите располага со „многу висока технологија“.

Според него, во изминатите 10 години ширум светот биле регистрирани околу десет бранови на појави на дронови, кои во просек траеле по околу три недели и потоа одеднаш престанувале.

Досега, никогаш не бевме во можност да откриеме кој стои зад тоа, додаде Берте.

Поврзани вести