Skip to main content

Австрискиот парламент изгласа забрана за муслимански шамии во училиштата за девојчиња под 14 години

Австрискиот парламент со огромно мнозинство усвои забрана за носење шамии во училиштата за девојчиња под 14 годишна возраст, пренесоа медиумите во оваа земја.

Против мерката гласа само пратениците на Зелените бидејќи сметаат дека законот е неуставен.

Забраната за шамии беше во фокусот на соодветна дебата во парламентот, а таа се однесува на прекривки за главата што се „носат според исламските традиции“, пренесе ORF.

Училишните настани надвор од училишната зграда не се опфатени со забраната за шамии.

Казните за непочитување на забраната ќе почнат да се применуваат од учебната 2026/27 година, а казните би можеле да се движат од 150 до 800 евра.

Коалициските партии посочија дека прашањето за носење шамии се интензивирало во последните години, пренесува австрискиот јавен сервис.

Генералниот секретар на Народната партија (ОВП) Нико Маркети вети дека наставниците нема да бидат оставени сами да ја спроведуваат забраната, туку треба само да ја информираат училишната администрација, која потоа ќе преземе понатамошни чекори.

Австриската влада проценува дека оваа мерка ќе влијае на околу 12.000 девојчиња, а забраната ќе важи за сите јавни и приватни училишта.

Владата во септември усвои забрана за носење шамии во училиштата за време на наставата за ученичките под 14 години.

Поврзани вести