
Започнува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Општина Бутел – реконструкцијата на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, со што се исполнува долгогодишно барање на жителите од овој дел на Скопје.
Како што соопштија од Град Скопје, проектот опфаќа реконструкција на повеќе од 2,2 километри улици, изградба на нов асфалтен коловоз, како и обнова на речиси 4 километри тротоари, со што значително ќе се подобрат условите за безбедно движење на пешаците и возилата.
-Како значаен дел од инвестицијата е предвидена изградба на нова атмосферска канализација во должина од 1.200 метри, како и одвојување на фекалната од атмосферската канализациска мрежа, со цел поефикасно одведување на дождовните води и намалување на ризикот од поплави при обилни врнежи, се наведува во соопштението.
Паралелно со овој проект, во завршна фаза е изградбата на новиот мега-парк во Бутел, кој ќе претставува ново зелено и рекреативно катче за граѓаните.
-Со реализацијата на овие проекти продолжува инвестирањето во современа комунална инфраструктура, побезбедни сообраќајници и подобар квалитет на живот за жителите на Бутел и на Скопје, се посочува во соопштението.

Македонски


