Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Јакимовски да се помири со изборниот пораз – ќе следи ревизија на работењето во Карпош

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавите на досегашниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, по локалните избори, оценувајќи дека наместо да покаже политичка култура и да му честита на победникот, Јакимовски се обидува да го минимизира поразот со тврдења за изборни нерегуларности.

„Јакимовски треба да се помири со фактот дека граѓаните го испратија во политичка пензија. Народот избра визија, напредок и работа“, стои во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поранешниот градоначалник е свесен за злоупотреби и нерегуларности во своето работење и дека токму поради тоа е загрижен од најавената ревизија во општината.

„Дали Јакимовски се плаши дека ќе излезат на виделина сите криминали, тендери во четири очи и матни зделки за време на неговиот мандат?“, прашуваат од партијата, додавајќи дека тој е одговорен за, како што велат, „бетонизацијата на Карпош и работењето во интерес на урбаната мафија“.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до Јакимовски „да не потпишува документи во последните денови од мандатот“, бидејќи, како што најавуваат, ќе следи целосна ревизија на финансиското и урбанистичкото работење во општината.

Партијата нагласува дека новото раководство на Карпош, предводено од Лукровски, ќе работи „чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“, со цел општината да стане пример за модерно и одговорно локално управување.

Поврзани вести