Skip to main content

Шукова најавува дека за две до три години Скопје ќе добие БРТ транспорт

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека проектот БРТ е единственото функционално и одржливо решение за решавање на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

Во гостување на Сител телевизија, Шукова зборуваше за својата визија и програма за враќање на духот на градот и подобрување на квалитетот на животот.

„Сметам дека БРТ мора да се реализира прво, затоа што е брз и ефикасен систем, второ затоа што средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој и трето затоа што претставува одржливо, еколошко и безбедно решение за транспорт во градот,“ рече Шукова.

Таа додаде дека првата фаза од БРТ линијата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче и Аеродром е целосно подготвена за реализација.

„Мора да му дадеме шанса на овој проект. Реалната проценка е дека првата линија може да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот,“ нагласи Шукова.
Покрај транспортот, таа ја истакна и потребата од подобрување на комуналните услуги како редовно одржување на јавната чистота, донесување на законот за комунална полиција и уредување на претоварната станица Вардариште. Потсети дека проектот „Смарт Сити“ е реализиран само делумно, во областа на јавното осветлување додека останатите бенефити од дигитализацијата сè уште не се имплементирани.

Линк до видео: https://youtu.be/34Icsfpjrak?si=GtSlHeY4ADH_aD4W

Шукова: Ќе изградиме Конгресен центар и нови содржини за младите во Скопје

Скопје мора да понуди повеќе можности за младите, но и за сите генерации преку дискотеки, културни и музички настани, и центри за забава, порача Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, во гостување на Сител телевизија.

„Градот мора да биде целина која нуди квалитетен живот за сите, за децата, младите, возрасните и пензионерите. Нашата визија е да создадеме град отворен за сите, без политички поделби,“ истакна Шукова.

Таа најави дека еден од клучните проекти во нејзината програма е изградба на современ Конгресен центар, кој ќе биде домаќин на културни, спортски и музички настани, какви што во моментов нема каде да се одржуваат во градот.

„Овој Конгресен центар ќе понуди и простор со повеќе дискотеки и кафетерии, но нема да се наоѓа во централното градско подрачје туку ќе биде во близина на Скопје, со цел да се избегне дополнителен метеж во градското јадро,“ објасни Шукова.

Таа нагласи дека градот ќе работи во партнерство со угостителите и граѓаните за да креира современи решенија кои ќе го вратат културниот и забавниот живот во Скопје.

Поврзани вести