Skip to main content

Санација на уличното осветлување низ Карпош

Фото: МИА архива

Во рамки на тековните активности поврзани со уличното осветлување и јавната хигиена, општински служби минатиот викенд работеа со зголемен интензитет. Во таа насока, стручните лица пристапија кон решавање на поголемиот број проблеми кои беа детектирани на теренот, информираат од Општината.

Екипите биле особено активни во реонот на населбата Карпош 4, каде деновиве било целосно санирано осветлувањето околу кулите на ул. „Никола Парапунов“ во близина на мостот Обединети нации. Успешно бил отстранет дефектот со осветлувањето на првиот дел од ул. „Волгоградска“, а се интервенирало и на улиците „Соле Стојчев“ и „Желево“.

На таа локација, стручните служби ги санирале дефектите и во третиот дел на ул. „Волгоградска“, а во исправна состојба се доведени и светилките на улиците „Невеска“ и „Воденска“.

-Темелно се работеше и во населбата Карпош 2, каде беа санирани дефектите на електричната мрежа на осветлување, на улиците „Шекспирова“ и „Бранислав Нушиќ“. Со истата динамика биле решени проблемите со јавното осветлување, на делови од улиците „Руѓер Бошковиќ“ и „Веселин Маслеша“, се вели во соопштението од Општина Карпош.

Минатиот викенд службите од локалната самоуправа се фокусирале на подигнување на нивото на јавната чистота. На иницијатива на жителите од населбата Жданец, била спроведена заедничка еко-акција за расчистување на сметот и одржување на здравата животна околина. Во меѓувреме, општинските служби задолжени за одржување на хигиената, исчистиле поголем дел од пешачките патеки низ Карпош.

Поврзани вести