Skip to main content

По повод 8 Март, Платформата за родова еднаквост денеска во Скопје организира Марш за женски права, под слоганот „Нека јадат ружи!“

По повод Денот на жената 8 Март, Платформата за родова еднаквост денеска во Скопје организира Марш за женски права, кој годинава ќе се одржи под слоганот „Нека јадат ружи!“. 

Организаторот повикува на женски марш и на солидарен женски бојкот за да се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.

-8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија, велат од Платформата за родова еднаквост.

Ги повикуваат жените денеска да ги бојкотираат и големите маркети, ланци и трговските центри бидејќи, „преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција“, како и на бојкот на домашните обврски. 

-За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден, велат организаторите.

Маршот ќе почне во 13 часот пред Универзална сала и ќе заврши во паркот „Жена борец“ со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Поврзани вести