Министерот за локална самоуправа Златко Перински останува на својата амбиција да биде потенцијален кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак вели, важни околностите во кои ќе се носи одлуката при избор на кандидатот за градоначалник од редовите на партијата од која доаѓа.
„Да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина. Сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на Мицкоски, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение и секако сум убеден сум дека тој предлог кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела па да видиме што ќе се случува“,вели Перински во интервју за емисијата Клик плус на ТВ21.
Министерот за локална самоуправа нагласи дека има многу визии за Скопје, градот кој го зафати сивило, градот во кој нема насмевка на лице.
„Имам многу визии за Скопје, ако почнеме ќе ни требаат три емисии, но Скопје го зафати едно сивило и одамна немам видено насмевка на лице на ниту еден скопјанец и тоа е од многу фактори. А, ако тргнеме од елементарните како што се загадување, јавен превоз, одлагање на смет, тие се во делот на политиката, ние немаме нормален живот во Скопје. Немаме културен настан не се сеќавам од кога. Имаме културни домови во општините кои зјаат празни, немаат програми, немаме случувања за пензионерите, за повозрасните, за најмалите. Ако немаме трговски центар во сабота во зима немаме каде да отидеме“, изјави Перински.
Тој вели дека на главниот град му треба долгорочна стратегија од минимум 20 години, со оглед дека квалитетот на живот во Скопје е доведен на најниско можно ниво .
На крајот од емисијата Перински објасни зошто Скопје не може да има трамвај.
„Тешко може да се направи трамвај, бидејќи е безплански развивано во централното градско подрачје. Но, има и многу други фактори“, изјави Перински.