Skip to main content

Османи:  Секој нов дуќан во Чаршијата со историски и културен карактер ќе добие финансиска поддршка

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, продолжува да ја презентира својата јасна визија: враќање на стариот сјај на Старата скопска Чаршија и претворање во симбол на иднината на градот. Утрово, преку видео објавено на својот официјален профил на Фејсбук, Османи го посети еден занаетчиски дуќан и упати силна порака до граѓаните.

Чаршијата не е само пазар, таа е душата на Скопје. Таа е сведоштво на вековна традиција, на занаети што се пренесуваат од генерација на генерација и на духот што нè поврзува сите, рече Османи.

Во визијата што ја претстави, тој подвлече дека секој нов дуќан со историски и културен карактер ќе добие финансиска поддршка. Мајсторите и чираците кои го продолжуваат занаетот ќе бидат стипендирани. Производите што ќе се создаваат таму ќе го носат печатот „Made in Çarshi – направено во Чаршијата на Скопје“.

Сакам производот од Чаршијата, кога ќе се појави во Швајцарија или било каде во светот, да го носи печатот „Направено во Чаршијата“. Тоа е печат на автентичност, на историја и на иднина, нагласи Османи.

Тој јасно порача дека во Чаршијата нема место за брза храна и комерцијални содржини кои го нарушуваат духот на просторот. Таму ќе има само традиционална храна, стари занаети и чисти улици кои ќе го вратат изгубениот сјај.

Нашата Чаршија е нашата гордост. Таа треба повторно да блесне и да стане мотор на културниот развој. Тоа е темелот врз кој ќе ја изградиме иднината на Чаир и на Скопје, порача Османи.

Со оваа визија, Османи ја потврдува својата решителност старата скопска Чаршија да ја постави во центарот на културниот и економскиот живот на градот.

Поврзани вести