Skip to main content

Околу 140 пријавени за фаќање на крстот во Вардар во центарот на Скопје

Околу 140 лица досега се пријавени за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, информира денеска за МИА отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје.

Пријавувањето за учество на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 јануари до денеска зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата. До денеска се издаваат и лекарските потврди од Институтот за спортска медицина.

Оние што се во ред со здравјето може да учествуваат на манифестацијата „Водици“. Има голем интерес и досега се пријавени околу 140 граѓани. Вечер до 19/20 часот ќе се земе списокот и ќе се види точниот број. Малолетници можат да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител. Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. В понеделник во 7:30 часот секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата, рече отец Благоја.

Тој изјави дека дел од учесниците постат и сакаат да се причестат пред спуштањето на светиот крст. Оној што прв ќе стигне до крст ќе биде соодветно награден од МПЦ.

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе започне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан ќе го спушти Светиот и животворен крст во водите на Вардар.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Поврзани вести