
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера соопшти дека во тек е акција во која се откриваат низа недоследности во работењето на претпријатијата во однос на невпишани површини за наплата на ѓубретарина кај „Комунална хигиена“, како и злоупотреби во „Водовод и канализација“.
Ѓорѓиевски истакна дека во „Водовод и канализација“ биле откриени сериозни злоупотреби на вода и поставување на двојни водомери, кои генерирале сериозни загуби во минатото.
Кога сме кај ЈП Водовод и канализација во тек е акција кај многу правни субјекти каде што има сериозна злоупотреба на вода, дупли водомери се поставувани во минатото, каде што не се регулирала состојбата како што треба и тоа се должи исто така на дел од генерираните загуби на претпријатието. Дел се должат на односите поврзани и со закоченоста на пречистителната станица каде што имаме сериозно придвижување напред, но и со на наплатата на сметки.
Тој додаде дека како начин да се спречат овие злоупотреби во иднина ќе се создаде електронска база на податоци која ќе се вкрстува со податоците од Државниот катастар.
Претпоставувате од какви причини е направено тоа. Нема да може така. Сега ќе има електронска база на точни податоци која ја вкрстуваме со Катастар. Секој обид да се направи таква работа во перспектива ќе биде строго санкциониран – изјави тој.
Во однос на невпишаната површина од страна на „Комунална хигиена“, тој изјави дека станува збор за повеќе од 130 илјади квадратни метри од кои поголем дел се во индустриски зони, кои до неодамна не биле опфатени во наплатата на ѓубретарина, правејќи загуби во претпријатието од 1.5 милиони евра месечно.
Пример, сега над 130.000 квадратни метри се впишани површини, површини кои, за мене и колегите од непознати причини, во минатото не биле опфатени во пресметките за наплата на ѓубретарина. Тоа се над 1,5 милиони евра загубен приход месечно на претпријaтието. И како тоа се спроведувало? Имало индустриска зона и некој во минатото си направил процена дека на пет објекти треба да им се пресмета целата површина за наплата, aма на некои требало помалку од што треба да им се пресмета – рече градоначалникот.

Македонски



