
Гази Баба е портата на Скопје, индустриското срце и белите дробови на нашиот град. Општина со вредни, чесни и патриотски луѓе. Но, со години, оваа општина беше заборавена од градските власти. Капиталните проекти беа само празни зборови на хартија, а вие бевте оставени сами, со Боби, да се борите со сообраќајниот хаос, еколошките проблеми и нефункционалниот јавен превоз. Но, тоа време заврши.
Ова од вечерашниот митинг во Гази Баба го истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Во однос на проектите планирани за оваа општина, Ѓорѓиевски посочи дека ќе ја поврзат Гази Баба како никогаш досега.
Конечно, ќе ја изградиме првата фаза од булеварот „Хрватска“, дел од внатрешната обиколница на Скопје.
Ова не е само асфалт, ова е нова артерија која ќе го растерети сообраќајот низ Автокоманда и ќе ве спои со Бутел и западниот дел на градот за неколку минути. Ќе ја изградиме и третата лента на булеварот „Александар Македонски“ за конечно да ставиме крај на сообраќајниот колапс на источниот влез на Скопје. Предвидуваме доизградбата на булеварот „АСНОМ“ преку новиот мост, а и ќе изградиме целосно нов мост кој ќе ја поврзе Гази Баба со Ново Лисиче кај последна 5ка. Ќе ја изградиме и клучката „Хиподром“. Гази Баба нема повеќе да биде тесно грло, туку најповрзаната општина во градот, вели Ѓорѓиевски.
Посочи дека ќе инвестираат во зелена и здрава иднина за семејствата.
Најголемиот еколошки срам на Скопје, депонијата Вардариште, ќе ја претвориме во наша најголема гордост. Ви ветувам, Вардариште ќе стане мега парк, европски пример за зелена обнова, со спортски терени и патеки. Место каде нашите деца ќе играат на безбедно, а ние ќе уживаме во природа. Ќе го обновиме и нашиот прекрасен Парк на природата Гази Баба, за да му го вратиме сјајот што го заслужува, нагласува тој.
Ѓорѓиевски најави и крај на нефункционалниот јавен превоз, со целосна реформа на ЈСП, со континуирана набавка на нови, еколошки автобуси и со воведување на Градски воз кој ќе поминува низ постојните пруги во Гази Баба, а со кој ќе се обезбеди брз и достоинствен превоз за сите.
Ќе ги реформираме сите јавни претпријатија. Ќе воведеме Нов комунален ред и со Еко-бригади ќе обезбедиме Скопје и Гази Баба да бидат чисти и уредени. И најважно од сè, за сите овие капитални проекти имаме силна поддршка. Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски докажа дека работи за народот и за Македонија. За првпат, имаме Влада која не ги дели општините по партиски клуч, туку инвестира секаде каде што е потребно, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорѓиевски потенцираше и дека таа соработка е гаранција дека овие големи ветувања ќе станат големи дела!