
Деблокиран е процесот за клучката кај Момин Поток, изградбата продолжува со забрзано темпо, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
По неколкумесечен застој, повторно се работи на една од најстратегиските сообраќајни точки во Скопје, место каде што се спојуваат неколку клучни градски правци.
Во тек е изградбата на атмосферска канализација Ф1200 на булевар „Никола Карев“ во должина од 550 метри, од мостот на Серава до булевар „Словенија“.
Паралелно, се гради и новиот мост на Серава на истиот булевар, кој ќе премостува три ленти во еден правец и четири во друг, со вкупна ширина од 44 метри.
Се подготвува и натпатникот на булевар „8 Септември“, долг 43,5 метри, кој ќе го премости булевар „Никола Карев“ и ќе ја поврзе кружната крстосница со турбо кружен тек, многу важна алка во целото решение.
Имено, досега изградбата се одвиваше во сложени услови поради густиот сообраќај и поради нерешени имотно-правни односи.
Но, процесите се деблокираат и динамиката конечно се забрзува.
Наскоро, овој сообраќаен јазол ќе донесе сериозно олеснување за илјадници граѓани – побрз проток, помал метеж и модерен приод кон Скопје.
Градот чекори напред.
Заедно, Скопје ќе го направиме повторно горд град!, пишува Ѓорѓиевски во својата објава.

Македонски








