
Власт која ја губи довербата од народот измислува непријатели за да ја скрие вистината, рече вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Карпош.
Тој ја осуди, како што рече, црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека таа кампања е доказ за неспособност и страв од народот.
Власт која води негативна кампања кон опозицијата не е само неспособна власт, тоа е власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тоа е власт за која напредокот на државата е непријател – оцени Филипче.
Според него, „оваа власт се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија“. Повика на единство, разум и отпор против лагите и поделбите.
Јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие – рече лидерот на СДСМ вечерва во Карпош.
Како што рече Филипче, во изминатава година и пол гледаме власт која не ја разбира својата должност, власт која е целосно отуѓена од потребите на луѓето, која ја третира државата како сопствена компанија.
Денес имаме власт која не ја води државата, туку ја режира. Сè е претворено во настап, во шоу, во перформанс без никаква содржина и суштина – истакна Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ и во најтешките кризи, здравствената, енергетскат, економската – не дозволија државата да се распадне, и покажа дека и во тешки времиња може да се мисли на луѓето.
Ги зголемивме платите, ја воведовме методологијата за раст на пензиите, ја подигнавме минималната плата, ја зголемивме социјалната помош за оние што живеат најтешко. После 3 децении ги решивме проблемите на стечајните работници. Не ветувавме чуда, но направивме конкретни чекори што го олеснија животот на граѓаните. И тоа е мерката на една сериозна политика – кога во криза покажуваш грижа, а не алчност – рече Филипче.
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ги претстави клучните приоритети на својата програма – функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
Ова не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози – изјави Шукова, нагласувајќи дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.
Таа остро се осврна на неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги. -Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла, рече таа.
Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура.
Во Карпош, најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
Ќе воведеме ‘Зона 30’ во густо населени делови, ќе поставиме ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки и ќе ги претвориме запуштените површини во живи скверови и паркови, додаде Шукова, додавајќи дека не ветуваат чуда, туку работа, чесност и резултати што се гледаат – порача Шукова, додавајќи дека со Маја Мојсова во Карпош и тимот на СДСМ, ќе се врати довербата во политиката и гордоста во Скопје.
Маја Мојсова Мијовска, кандидат за градоначалничка на Карпош од СДСМ, најави визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на општината.
Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполните паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура.
Мојсова ја претстави и својата програма за темелна трансформација на Карпош, базирана на инклузивност, транспарентност, зелена енергија, квалитетна социјална грижа и развој на младиот потенцијал.
Реконструкција на секој кварт: нови паркови, осветлување, дрвореди, детски игралишта. Грижа за зеленилото со системски пристап. Домови на култура и центри за млади во помалите населби, подобрување на водоводната и канализациска мрежа, јавни консултации, транспарентна администрација, засилена контрола од граѓанскиот сектор, поддршка за мали бизниси и иновации се само дел од програмата – рече Мојсова.